
Томас Вајц порача дека Северна Македонија мора да испорача мерливи реформи, а ЕУ паралелно да ги исполни своите обврски, ако процесот на пристапување треба да се помрдне од ќорсокакот
Во годишниот нацрт-извештај за напредокот, европратеникот и известувач за земјава најавува дека документот ќе го презентира на 26 февруари пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ). Тоа е втор негов извештај за земјата од 2022 година, а е подготвен како одговор на Пакетот за проширување на Европската комисија за 2025 година.
-
La Linea v6
699 ден
524.25 ден
Вајц оценува дека државата е во тешка позиција затоа што процесот е сопрен, а напредокот на реформите е недоволен, особено во областите владеење на правото, реформи во правосудството и борба против корупцијата. Како фактори ги наведува изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот од долгорочна политичка посветеност.
Уставните измени остануваат клучна блокада, со страв од нови билатерални условувања
Во нацрт-извештајот се посочува дека нема напредок околу уставните измени, поради загриженост за можни дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Вајц укажува дека е потребно итно зголемување на политичката волја од двете страни за надминување на застојот, а процесот да остане заснован на заслуги и на конкретен напредок во фундаменталните области.
Тој ја врзува оваа порака со поширокиот геополитички контекст, во кој Европа се соочува со големи промени и ризици, па затоа, според него, може да се отворат можности за оживување и забрзување на пристапувањето. Но, потенцира дека „новата итност“ не смее да биде изговор, туку притисок за резултати што се гледаат и се мерат.
ЕУ мора да помогне со активен ангажман, а реформите да се чувствуваат дома
Вајц нагласува дека реформите во владеењето на правото не се важни само за приближување кон членство, туку и за градење просперитетна и отпорна држава. Тој ги поврзува со предвидлива и доверлива инвестициска клима како предуслов за одржлив економски развој, но и со можност граѓаните да имаат корист од постепените интеграциски процеси и проекти што ги нуди ЕУ.
Паралелно, Вајц нагласува дека и ЕУ и државите-членки мора да ги исполнат своите обврски, да ја поддржат земјата и преку активен дипломатски ангажман да ѝ помогнат да ги надмине постојните пречки. Во рамки на Европскиот парламент, тој најавува работа на стабилно, конструктивно, проевропско мнозинство што ќе ја поддржи интеграцијата.
Нацрт-извештајот допрва ќе минува низ филтрите во парламентот и може да претрпи амандмански измени. По презентацијата на 26 февруари, следуваат разгледувања во март и април, гласање во АФЕТ во мај, па потоа и гласање на пленарна седница пред летната пауза.
Во документот се нотира потреба од обновена политичка посветеност, поефикасен парламентарен надзор и конструктивна меѓупартиска соработка. Се посочуваат и области за подобрување, како слобода и независност на медиумите, борба против дезинформации, вклучување на граѓанското општество, како и дополнителни чекори во социјално-економските реформи, животната средина, енергијата и транспортната инфраструктура, при што се поздравува напредокот поврзан со коридорите 8 и 10.


