
Разорен шумски пожар продолжува да се шири низ покраината Алмерија во јужна Шпанија. Најмалку 12 лица загинаа, осум се тешко повредени, а речиси 1.500 жители и туристи беа принудени да ги напуштат загрозените подрачја.
Пеплосани околу 6.600 хектари
-
Бетмен силуета
699 ден
524.25 ден
Огнената стихија досега уништила околу 6.600 хектари шума и ниска вегетација. Пожарот избувнал во четврток, а најкритична е состојбата во близина на општините Лос Гаљардос и Бедар, околу 70 километри североисточно од градот Алмерија.
Првичните сомнежи на надлежните се дека пожарот можеби бил предизвикан од дефект на далновод. Истрагата за точната причина сè уште трае.
Пламените јазици се приближија до туристичките места
Пожарот зафатил подрачја во близина на познатите медитерански плажи, меѓу кои и Плаја де Мохакар. Поради брзото ширење на огнот, евакуирани се речиси 1.500 жители и туристи, а меѓу нив има голем број британски државјани.
Повисоката влажност и послабите ветрови донекаде им ја олесниле работата на противпожарните екипи. Сепак, властите предупредуваат дека огнот сè уште претставува сериозна закана за населените и туристичките зони.
Дел од пожарот е под контрола
Шпанскиот министер за правда Феликс Боланос изјави дека еден дел од пожарот е ставен под контрола, но ситуацијата во останатите подрачја и натаму е критична.
Дел од жртвите загинале уште во првата ноќ, додека се обидувале да избегаат од пламените јазици. Според властите, тие се движеле во погрешен правец за евакуација и биле пресретнати од огнот.
Се утврдува идентитетот на жртвите
Постојат силни индиции дека меѓу загинатите има државјани на Велика Британија и Белгија. Нивниот идентитет сè уште не е официјално потврден, бидејќи процесот на идентификација е отежнат.


