
Вработени во УЈП и српски државјанин меѓу осомничените
СКОПЈЕ – Вработени во Управата за јавни приходи, еден српски државјанин сопственик на две фирми и неколкумина други сопственици, управители и вработени во фирми во Скопје и Гевгелија, се меѓу дваесеттемина кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги сомничи дека го оштетиле државниот буџет за 4,8 милиони евра преку даночна измама, даночно затајување, перење пари и злоупотреба на службената должност во период од 2023 до 2025 година.
Србин избегнал плаќање данок од 188.510 евра
-
Дарт Вејдер
699 ден
524.25 ден
Како што информираа од ОЈО ГОКК, првоосомничениот српски државјанин, со прикажување неточни податоци во даночните пријави избегнал плаќање данок во износ од околу 188.510 евра. Останатите осомничени пак, со помош од вработени во УЈП, поднесувале лажни барања за неосновано враќање данок, со што на буџетот му била нанесена штета од околу половина милион евра.
Трансфер и подигање на над 91 милион денари
Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари. Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари.
Пронајдена фиктивна документација, пари, оружје и лажни печати
При извршените претреси на 16 локации низ државата кај осомничените била пронајдена фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од фирми.
Обвинителството бара притвор за осум лица
По вчерашната акција на ОЈО ГОКК, јавниот обвинител доставил предлог на осум од осомничените да им биде определена мерка притвор. За две лица, како што информираа од ОЈО ГОКК, веќе е определен притвор во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на Македонија. За останатите 10 лица, јавниот обвинител предложил мерки за обезбедување присуство меѓу кои и забрана за вршење на работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП.
Судот прифати мерки за девет осомничени
Од Кривичниот суд информираа дека досега прифатен е предлогот на Обвинителството за определување мерки за претпазливост за девет од десеттемина осомничени.


